Македонија има 20 илјади неписмени жители, а нема решение за растечкиот проблем - Приказни од заедницата
Помина тешката зима за 44-годишната Ѓулизер Изирова, која парчето леб го печали работејќи на нива. Таа, како и нејзините роднини и пријателки, ѝ се радува на пролетта – пролетта ѝ носи финансиска стабилност. Изирова нема завршено основно образование и смета дека тоа е причината зошто нејзиниот пат низ живот бил „трнлив“, како што вели. Зборувајќи за Локал Актив, Ѓулизер кажува дека без образование може само да се мачи по нивите, како сезонска работничка – станувајќи рано наутро во 4 часот, а прибирајќи се дома навечер околу 19 часот.
За неа е тешко и тоа што мора своите деца да ги остава сами дома додека е на работа, или пак тоа што мора да ги носи со себе на поле. Но, тогаш како што вели, трпат и децата. Така и тие остануваат без образование. Оваа жена нема ниту еден ден работен стаж. Смета дека решението на нејзиниот проблем, но и на илјадници жени во земјава, е државата да ѝ овозможи да го заврши образованието, за полесно да најде работа во фабриките, каде што, според неа, работниците се подобро платени и не живеат од ден за ден.
Ѓулизар Рисимова, жена без образование за Локал Актив ја раскажува својата судбина и вели дека никогаш немала живот како што треба. Родена во Скопје, животот го поминува во Штип, каде што се омажила. Сведочи дека била физички малтретирана од сопругот, но и тоа дека додека бил жив, не ја оставал без леб. Откако починал, останала без шанса да се издржува. Со два мозочни удари, работи на поле. Преку зима преживува од чистење куќи за да има од што да живее. Децата ѝ пораснале, имаат оформено свои семејства и секој од нив си ја гледа својата куќа.
„Некои луѓе ме сожалуваат и ми дават храна. Многу ми е срам, ама што да правам?! Онаму каде што чистам ми даваат и храна и некој џепарлак, некои ми даваат стара облека, која ја продавам и вадам за парче леб. Најтешко ми е во зимата. Подруго е кога се отвара сезонската работа. Тогаш одам да работам и си вадам парче леб. Не зависам од никого, и колку и да е тешка работата, трпам. Морам да трпам. Иако сум болна со два удари на мозок и висок притисок, сепак одам да работам на поле. Се научив веќе со години ја работам сезонската работа“, вели Русимова.
Досега не тропнала на ниту една врата во конфекциите или фабриките во Штип, од причина што како што вели, е возрасна и не знае да чита.
„Животот ми стана очај, не знам веќе што да правам. Неколку пати ми се слошува на поле. Веќе бригадирите не сакат да ме земат, ама ги молам. Морам да ги молам. Кога ќе погледнам дека не сум сама, оти има и уште многу други жени како мене, кои работат на поле, се тешам“, вели Русимова.
Овие две жени велат дека животот им е суров поради тоа што се неписмени, во што придонеле средината и родовите стереотипи во овие семејства, во кои се верува дека „женското дете е за во куќа“.
Русимова се дел од големата група од 18.897 лица од резидентното население во земјава постари од 15 години, кои се сосема неписмени. Податоците од последниот Попис на населението и домаќинствата од 2021 година покажуваат дека неписменоста има поврзаност и со полот на населението – од вкупниот број неписмени жители на земјава 29% се мажи, а дури 71% се жени.
Во Македонија, исто така, има вкупно 23.192 жители над 15 години, кои немаат никакво формално образование, но на друг начин успеале да се описменат. И од ова се гледа дека состојбата има поврзаност со полот на населението. Од вкупниот број описменети, а необразовани граѓани, 69% се жени, а 31% мажи.
Со почнато, но незавршено основно образование во земјава има 62.000 лица, додека само со основно образование е една третина од населението – 423.456 лица или 27,8% од вкупната популација над 15 години. Од овие, повеќе од половината, или над 240.000, се жени.
Читањето и пишувањето носат промени во животите на жените Ромки
Жените Ромки кои имаат завршено основно или средно образование велат дека пишувањето и читањето се моќ, односно носат промени во нивните животи. Животните приказни на Селвихан Алимова и Ѓулзаде Демирова покажуваат дека никогаш не е доцна за човек да се стекне со образование и да си го отвори патот кон поисполнет живот.
Селвихан Алимова, денес има 35 години. До својата 15 годишна возраст, таа била неписмена. Но тогаш се вклучила во проект на штипското Здружение на Ромите – Черења, се описменила и добила свидетелство за завршено основно образование. Алимова за Локал Актив објаснува дека пропуштила да заврши основно образование како дете, бидејќи потекнува од многудетно семејство на сезонски работници, кои постојано се селеле онаму каде што имало работа. Додека нејзините родители работеле на поле од утро до мрак, таа како трето дете во семејството морала да ја чува својата помала сестра. Иако не одела на училиште, имала силна желба да учи.
„Сега, на 35 години, сум среќно мажена и мајка на три ќерки. Најстарата е средношколка, другите две учат основно образование. Многу е важно да си образован. Тогаш кога го зедов свидетелството имав 15 години. Веќе 15 години работам во една конфекција, дури имам и возачка дозвола. Сега имам и работа и автомобил. Им порачувам на сите девојчиња да учат ако сакаат да си заработат и да успеат во животот“, вели Алимова.
И 44-годишната Ѓулзаде Демирова има позитивна приказна откако добила свидетелство за завршено основно образование. Таа веќе седум години е вработена во аптека во Штип. Таа за Локал Актив ја раскажува својата приказна и патешествието со повеќекратните неуспешни барања за азил на нејзините родители, за живот во Германија:
„Кога требаше да започнам прво одделение, со целото семејство заминавме во странство. Таму ме запишаа на училиште, ама јас ништо не разбирав од тоа што ни зборуваа. Одев редовно затоа што морав. Не само јас, туку и мојата сестра и тројцата браќа, сите одевме на училиште во Германија. После три или четири години, не се сеќавам точно, нѐ вратија со авион назад. Јас и мојата постара сестра и браќата веќе бевме големи за поаѓање во прво одделение. Така, останавме без образование“, вели Демирова.
Шансата која подоцна ѝ била пружена не ја пропуштила. Демирова вели дека редовно одела на курсевите за описменување, по што научила да чита и пишува. Еден од најсреќните моменти во животот ѝ бил токму кога положила и го добила свидетелството.
Но, тоа што завршила основно образование, не значи дека веднаш успеала да добие работа. Напротив, некогаш семејните традиции не ги „ослободуваат“, а некогаш пак, пазарот на трудот не успева да ги апсорбира овие граѓани. Така, повеќе од една деценија откако го добила свидетелството за завршено основно образование, Демирова останала невработена.
„Иако поминаа повеќе години откако во 2004 го добив свидетелството, успеав да се вработам дури во 2017 година. Сега ми е многу полесно, затоа што и јас придонесувам за моето семејство“, вели Демирова.
Образованието прави разлика, но пречка се семејните традиции
Има пораст на бројот на жени и девојки Ромки, кои завршиле средно и високо образование. Има и Ромки со магистратура и понекоја со докторат. Но, тоа, според Кјмет Амет, претседателка на Ромската асоцијација за жени и млади ЛУЛУДИ, не е доволно. Сѐ уште има многу девојки Ромки без завршено или недовршено основно или средно образование. За тоа во голема мера придонесува традицијата и патријархалните норми според кои – ако некој треба да остане дома поради различни семејни причини, тоа мора да бидат девојчињата.
„Иако има многу голем напредок кај ромските девојчиња и подигната е свеста за значењето на образованието, вработувањето, возраста за стапување во брак, и иако и кај нив има слични гледишта кон животот како кај девојките од другите заедници, сепак во многу ромски семејства сѐ уште се присутни штетни традиционални и патријархални норми и практики. Присутен е и родовиот јаз и непропорционална поделба на родовите улоги во семејството. На пример, доколку некој од семејството е болен или има потреба од лице кое ќе се грижи за одреден член од семејството, во тој случај жените, а во најчест случај девојчињата во ромското семејство, се оние коишто се принудени да се откажат од образовниот процес за да водат грижа за болниот“, вели Амет.
Но, патријархалните практики во повеќето ромски семејствата се само дел од причините поради кои жените и девојките Ромки остануваат без образование. Според Амет, голема вина има во институциите и самото општество, кои ги обесхрабруваат младите Ромки.
Во Македонија, според последниот Попис на населението и домаќинствата, има вкупно 18.897 жители кои не знаат на читаат и пишуваат, а кои се постари од 15 години. Податоците укажуваат на тоа дека неписменоста во земјата е поврзана и со полот на населението. Од вкупниот број неписмени жители во земјава, 5.517 или 29% се мажи, а дури 13.380 или 71% се жени. Базата на податоци на Државниот завод за статистика не дозволува вкрстување меѓу степенот на образование и етничката припадност. Но, сознанијата од работата на терен на одделни невладини организации сугерираат дека голем дел од ова население е од ромската заедница. Ова укажува на систематско запоставување на проблемот.
„[Така наречениот] ‘антициганизам’, дискриминацијата, непропорционалната застапеност на Ромите, како и постоечката сегрегација која постои особено во внатрешноста на државата – значително придонесуваат девојките Ромки да се обесхрабрени да продолжат со своето образование, да аплицираат за работа, да се вработат, да пријават случи на дискриминација. Имаат чувството на маловажност и отсуство на соодветна заштита од институциите“, додава Амет.
Проблем е и поставеноста на системот. Доколку како дете се пропушти училиштето, македонскиот образовен систем не дава многу можности за „поправка“ и описменување во подоцнежните години. За повеќето сиромашни ромски семејства описменувањето е луксуз.
Трајче Петров од Отворен граѓански Универзитет „Ванчо Прке“ од Штип, специјализирана институција за образование на возрасни, објаснува дека стекнувањето основно образование чини од 300 до 400 евра годишно.
„Зборуваме за возрасни луѓе, коишто од различни причини излегле надвор од системот на редовното образование. Описменувањето трае некаде околу една година“, вели Петров.
Поголем интерес има за оние лица кои немаат оформено средно образование, но како што вели Петров, оваа процедура е подолга и трае околу година и половина за едно лице да се стекне со четврт степен образование. Во моментов преку УНДП, додава Петров, пет млади Ромки си го дооформуваат средното образование за занимања како фризерски или козметички услуги.
Описменување на државна сметка има, ама предвидениот буџетот е за педесетина луѓе
Образованието на возрасните е дел од единствениот систем на образование во државата. Формалното образование на возрасни е институционализирано образование кое се одвива во државни и приватни установи и институции, како редовно и вонредно образование. Како што информираат од Министерството за образование и наука (МОН), образованието за возрасни кое е регулирано со Законот за образование на возрасни се одвива преку соодветни наставни планови и програми, преку Основното училиште за возрасни ОУВ „Антон Семјонович – Макаренко“ од Скопје.
Ова основно училиште за возрасни е единствена установа во целата држава со основна дејност образование на возрасни. За некој кој живее во Штип, а сака да се описмени и да заврши основно образование, патувањето секако би било проблем, поради тоа што повлекува трошоци. Затоа, не му преостанува друго решение освен ретките проекти, како тековниот, поддржан од УНДП.
„МОН во соработка со УНДП реализира проект за комплетирање и дооформување на основното образование на Роми, со акцент на жените Ромки и Ромите повратници, во три општини – Шуто Оризари, Прилеп и Штип“, стои во писмениот одговор од ресорното Министерство.
Во Штип, проектот се одвива преку Отворениот граѓански Универзитет „Ванчо Прке“ – Штип. На прашањето на Локал Актив дали е бесплатно описменувањето и дооформувањето на основното образование за повозрасните жени Ромки, од МОН ни дадоа ваков одговор:
„Описменувањето и дооформувањето на основното образование, во рамки на ОУВ Антон Семјонович – Макаренко, е комплетно бесплатно за сите граѓани, воедно и за жените Ромки“, одговорија од МОН.
Со оглед на тоа што ова училиште се наоѓа во Скопје, клучно е прашањето колку ова образование е достапно за сите заинтересирани?
МОН за оваа 2024 година, за дооформување на основно образование на лица над 20 години, има предвидено фонд од 1,2 милиони денари или околу 20.000 евра. Ако трошокот по лице е околу 300 – 400 евра, како што објасни Трајче Петров, тогаш со буџетски пари, годишно, образование можат да стекнат нешто над педесетина луѓе во државата.
Петров вели дека иако Отворениот граѓански Универзитет „Ванчо Прке“ – Штип нуди образовни услуги, речиси и да нема случај некој сам да дојде и да плати за своето образование. Луѓето немаат пари тоа да го платат.
„Описменувањето трае околу една година, иако поголем интерес има за оние лица кои немаат дооформено средно образование. Тоа е процедура што трае околу една година и половина за едно лице да се стекне со четврти степен образование“, објаснува Трајче Петров.
На пазарот на труд шансите се поголеми за образованите
Со вака оформено средно образование, Ромките полесно влегуваат на пазарот на трудот. Македонските компании вработуваат жени Ромки во нивните погони. Има добри и позитивни приказни.
Токму Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи и менаџер на конфекцијата „Мода“ во Свети Николе, вели дека во неговата фабрика работат над дваесет жени Ромки. Дел од нив се работнички со повеќегодишен работен стаж, но поголемиот дел се млади жени Ромки, кои се вработени од пред три години. Димитров за нив вели дека се добри и вредни работнички.
„Мислам дека кај нас не станува збор за дискриминација на жените Ромки – во нашите фабрики имаме доволен број Ромки кои работат рамо до рамо со останатите. Фактички, сите права од работни односи се еднакви и не може да стане збор одредени права од работен односи да не се однесуваат на нив. Друга е работата колку се тие едуцирани, дали спаѓаат во оние 62% од Агенцијата за вработување, кои се без основно или само со основно образование. Значи, не завршиле ништо повеќе од основно образование, и покрај тоа што имаме Закон за задолжително средно образование. Проблемот е зошто тие фактички во образованието не напредуваат или мал број од нив достигнуваат високо образование и постдипломски студии“, рече Димитров.
Тој го нагласува фактот дека луѓето со повисоко образование полесно се снаоѓаат на пазарот на труд и можат да работат на посложени работни места, кои се подобро платени.
„Тука голема улога има Центарот за социјална работа, кој не треба да дозволи тие млади да го напуштат образованието. Знаете дека тие и помлади се мажат, имаат и деца, и на тој начин излегуваат од образованието. Тоа е пречка понатаму повторно да се вратат и да го продолжат своето образование. Јас таму го гледам проблемот, а не дека постои некоја дискриминација“, рече Димитров.
Според него институциите, пред сѐ Агенцијата за вработување, им нудат поволности на жените Ромки преку активните политики за вработување. Тие имаат еднаков третман, како млади лица до 29 години добиваат повисоки парични надоместоци за преквалификација или обука. Но, како што вели, прашањето е колку од нив се јавуваат на овие повици. Димитров изнесува една пракса Ромите да избираат сезонска работа, додека примаат парична помош од државата како материјално обезбедување.
„Мислам дека тука проблем е социјалната заштита, бидејќи и мажите Роми често пати не сакаат да бидат официјално вработени и да влезат во системот на социјално осигурување. Се плашат да ја изгубат својата социјална помош и таму ја гледам главната причина што голем број од нив работат сезонски работи, од кои најголемиот процент работат на црно, само за да не ја изгубат социјалната помош“, вели Димитров за Локал Актив.
Според него треба да се направи прочистување на списокот на невработени корисници на социјална помош и да се види навистина кој од нив е социјален случај, кој има проблеми со вработувањето, а кој од нив работи на црно.
Министерството за образование и наука, за оваа 2024 година, за дооформување на основното образование на лица над 20 години има предвидено фонд од 1,2 милиони денари или околу 20.000 евра. Ако трошокот по лице за една година е околу 300 - 400 евра, тоа значи дека со буџетски пари образование можат да стекнат само нешто повеќе од педесетина луѓе во државата.
Решението според претседателката на Ромска асоцијација за жени и млади ЛУЛУДИ Кјмет Амет е во примената на задолжително средно образование. Државниот систем, според Амет, сега воопшто не функционира.
„Сметам дека треба да функционира социјалниот и образовниот систем, да се креираат правилници и закони според проблемите и потребите на оваа група, како на малолетните девојчиња, така и на нивните семејства. Да се креираат програми и мерки за делување посебно кон оваа група граѓани, согласно нивните потреби, со цел да им се помогне при интеграцијата во општеството, мерки за завршување на формалното образование и за вработување. Потребно е и активно делување на институциите, како Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за образование и наука (МОН), во воспоставување ефективен систем за едукација на младите и на родителите“, вели Амет.
Тој сложен систем треба да профункционира според примерот на некои европски земји. Амет објаснува дека обврска на институциите е да работат со малолетните девојчиња директно, но и со нивните семејства, за да им се помогне да останат во образовниот систем. Исто така, да им се обезбеди вработување на нивните семејства, да им се помогне да се интегрираат во заедницата. На тој начин, би се влијаело во намалување на бројот на сиромашни лица во државата.
Во спротивно, и натаму ќе остане голем бројот на Ромки кои живеат во сиромаштија, кои растат во многудетни семејства, со родители сезонски работници без пари за да го дооформат своето основно образование, не давајќи им шанса на своите деца да излезат од маѓепсаниот круг.
Енисе Демирова е активистка на Здружението на Роми Черења.