Зошто е важно доживотното учење?
Денешниот свет брзо се менува, а како резултат на тоа постојано е потребно да ги менуваме, но и да ги подобруваме нашите вештини и знаења. Доколку не го правиме тоа, за многу краток период ние возрасните веќе нема да можеме успешно да ги завршуваме сите наши работни обврски и нашата ефективност во работата нема да биде многу успешна. Доволно е само да се потсетиме на периодот кога нашите родители одеа на работа и ги извршуваа своите работни обврски. На пример, мојата мајка беше вработена како дактилографка во судот. Потребни вештини за нејзиното работно место беа брзината на пишување и точноста во пишувањето. Пишуваше само на дактилографска машина и сите велеа дека е една од најдобрите дактилографки. Пред нејзиното пензионирање пристигна и првиот компјутер кој требаше да ја замени дактилографската машина. Повеќе не беше потребно да ја користи добро познатата машина, сега требаше да пишува на тастатура, да користи компјутерско глувче, а документите требаше да ги зачувува во папки кои се отвораа на компјутерот. И ете го проблемот! Замислете како мајка ми се чувствуваше во тој момент? Од врвен професионалец во својата област со долгогодишно искуство сега се најде во позиција кога беше доведена успешноста на нејзината работа. Се обиде да учи, но попусто. Среќна околност беше нејзината возраст, имаше 61 година и со душа го чекаше 62 роденден за да може да се пензионира и достојно да го напушти своето работно место. Сакале или не, и нас ќе не чека истата судбина доколку не вложуваме постојано во нашето образование и не сме во „чекор со времето“. За разлика од тогаш сега промените во технологијата се одвиваат многу побрзо. Затоа доживотното учење е клучот за отклучување на нашиот целосен потенцијал и може да ни овозможи успешност во работата. Без разлика дали бараме личен раст, напредување во кариерата или едноставно имаме само потреба за ново знаење, континуираното учење ни нуди многу придобивки. Може да ги подобри нашите вештини за критичко размислување, да ја зголеми нашата самодоверба и да ја прошири нашата професионална мрежа, да ни овозможи повеќе контакти со нашите колеги и колешки, но и размена на меѓусебно искуство. Сметам дека многу важна придобивка од доживотното учење е тоа што ја поттикнуваме креативноста кај нас, не ни е досадно на работа и постојано имаме чувство дека треба да стигнеме до одредена цел. Сето тоа нѐ доведува до процес на постојано лично подобрување. За крај имам прашање до сите Вас кои го читате овој блог: Која е дефиницијата за поимот доживотно учење? Не треба воопшто да комплицираме, затоа што секој од нас може да даде сопствена дефиниција и пак да биде во право. Доживотно учење може да биде само едноставно читање на книга, посетување на курс кој може да се одржува со физичко присуство или преку интернет. Дури и едно наше неколку часовно присуство на некоја работилница или изложба може да се вброи во формите на доживотното учење. Учењето не претставува дестинација, тоа е патување во кое добро е како патници да учествуваме во текот на целиот наш живот.