Пазарот на трудот и невработеноста кај младите возрасни лица и нивниот неискористен потенцијал

Младоста е клучен период од животот кога младите луѓе почнуваат со реализација на своите желби, стекнуваат економска независност и си го наоѓаат местото во општеството.Глобалната криза со работните места ја зголеми ранливоста на младите во поглед на:1) поголема невработеност, 2) послаб квалитет на работните места за оние што ќе најдат вработување, 3) поголема нееднаквост на пазарот на трудот меѓу различни групи на млади луѓе, 4) подолг и понесигурен премин од образование на работа и 5) поголема оддалеченост од пазарот на трудот
Младите невработени возрасни лица се во понеповолна позиција на пазарот на трудот во споредба со другите возрасни категории на граѓани и нивното вклучување на пазарот на трудот е на многу ниско ниво.
Главна причина за поголема невработеност кај младите возрасни лица е недостигот на вештини и работно искуство, што ги прават помалку конкурентни во споредба со повозрасните работници на пазарот на трудот. Во тој контекст, формалниот систем на образование вклучително праксата и тренингот, честопати се неефикасни во олеснувањето на преминот од образование кон работа.
Најважните причини за младинската невработеност се следните: - Лоша структура на квалификации (голем број на млади луѓе кои се неквалификувани или полуквалификувани); - Недоследност помеѓу потребите на пазарот на труд со образовниот систем; - Строгата потреба на работодавачите за вработување на луѓе со претходно работно искуство; - Порастот на таканаречената сива економија, во која луѓето се дефакто вработени, но сеуште во Агенцијата за вработување се водат како невработени за да имаат право на здравствено осигурување;
Невработените млади лица имаат потешкотии во воспоставувањето на значајни врски во општеството и се соочуваат со социјална и политичка изолација.
Од страна на Владата на Република Северна Македонија е изготвена НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ 2021-2027 ГОДИНА со Акциски план за вработување 2021-2023 година.
Целта на Националната стратегија за вработување (НСВ) е да се справи со краткорочните последици на пандемијата од КОВИД-19 врз пазарот на трудот, како и со структурните предизвици што влијаат врз растот на вработеноста.
На младите возрасни лица им се потребни економски, финанссики и социјални инвестиции за да можат да го искористат својот потенцијал на пазарот на трудот , а со тоа и да излезат од кругот на невработеноста и да бидат активни и анганжирани граѓани во современото општество.
Меѓународната организација на трудот (МОТ) подготви Извештај од мапирањето на младите луѓе кои не се вработени и не се дел од системите за образование или обука, со цел да се обезбеди поддршка при подготовката на новиот План за спроведување на Гаранцијата за млади за периодот од 2023 до 2026 година.
Дел од препораките кои се наведени во овој извештај, а кои треба да ја подобрат успешноста на Гаранцијата за млади, се однесуваат на потребата од континуирано мапирање и рано интервенирање преку зајакнување на можностите за унапредување на вештините на младите.
Мерката „Гаранција за млади“ овозможува на лица до 29 години кои не се вработени, ниту се вклучени во образование и обука да добијат понуда за работа, да го продолжат своето образование или да се вклучат во некоја од активните мерки за вработување во рок од четири месеци по нивното евидентирање како невработени лица.
Република Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која започна со спроведување на Гаранцијата за млади во 2018 година, прво како пилот проект во неколку општини, а од 2020 година започна да се спроведува низ целата територија.
Причините поради кои младите лица се невработени и надвор од образование и обука можат да се поделат на: краткорочна невработеност, односно лица кои бараат работа една година, долгорочна невработеност, обесхрабреност, болест или попреченост, семејни обврски и други причини.
Меѓународната организација на трудот во континуитет обезбедува поддршка на националните институции - Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, за планирање, следење и преглед на спроведувањето на Гаранцијата за млади.
Подоле е линкот од извештајот на МОТ.
https://socijalendijalog.mk/wp-content/uploads/2022/08/MKD_NEET-Mapping…