European Commission logo
Логирај се Креирајте профил
Можете да изберете повеќе зборови со разделна запирка

ЕПАЛЕ - Електронска платформа за учење на возрасните во Европа

Blog

Мотивацијата за учење – А за кого всушност учиме?

Создадени сме со способност за учење. Но, сите ја користиме на различен начин. Патот од способноста за учење до подготвеноста да се научи е комплексен

Profile picture for user Lifelong Learning Center.
Biljana MOJSOVSKA MANOJLOVA
Community Hero (Gold Member).

Повеќе од 20 години работам во невладиниот сектор, на проекти кои го промовираат образованието на возрасните. Природата на мојата работа вклучува и дизајн и организација на различни форми на учење, за најразлични целни групи. Имајќи предвид дека програмите и понудата на различни форми на неформално образование и обука ги нудиме во проектни рамки, тоа значи дека се поддржани од донатор, што на крајните корисници им овозможува бесплатно учество во образовниот процес.

Homo discens – човекот кој учи. Човештвото има вродена способност за учење. Но, подготвеноста за учење и мотивацијата да се учи и научи се комплексни фактори кои имаат суштинско влијание врз тоа дали ќе ја искористиме и ставиме во функција својата способност за учење. Несомнено е дека ние луѓето најмногу учиме информално, во секојдневниот живот – свесно или не. Нема човек на земјава кој не стекнал компетенции, сакал или не.

Но, што е со учењето кое на возрасните им се нуди, како на пример во неформалното образование на возрасни? Образовна понуда во која, се разбира, учеството се базира на принцип на доброволност. Како се поврзани вродената способност за учење, мотивацијата да се научи и подготвеноста односно свесната одлука да се влезе во процес на стекнување знаења, вештини и компетенции?

На ова прашање во последно време се’ почесто барам одговор. Причината зошто си го поставувам лежи во предизвикот да се мотивираат возрасни да учат и да се надградуваат. 

Како некој кој цел работен век го поминал во образование, сметам дека главната придобивка од пристапување кон некаква форма на учење – без разлика дали за личен развој, професионално доусовршување или пак за зголемување на конкурентноста на пазарот на труд – е стекнувањето нови знаења и вештини. Дека фактот дека ќе се научи нешто ново е мотивација доволна сама по себе. Но, искуството покажува нешто друго. 

Нудејќи различни програми за неформално образование на возрасни од различни целни групи, во кои учеството е бесплатно, а истите се во согласност со образовните потреби, наидуваме на предизвик на незаинтересираност и немотивираност.

Ова за жал е присутно и доаѓа до израз, меѓу другото, и во јакнењето на капацитети на професионалци преку програми за нивно професионално доусовршување. Стекнувањето со нови компетенции не се перципира како доволна причина и се бара дополнителна придобивка. 

Чисто како сликовит пример, една од бариерите со која се соочуваме е фрустрацијата, лутината и незадоволството кое се создава доколку обуката се одржува во денови на викенд. Во тој сегмент е донекаде присутна перцепцијата дека професионалната надградба е „у року службе“ и дека исклучиво е возможна во работен ден. Дали учењето за време на викенд е изгубен викенд или викенд инвестиран во себеси?

Се доаѓа до констатација дека не постои јасна претстава во поимањето дека професионалното „јас“ е лична своина и дека тоа е одвоено од средината каде што работи поединецот. И дека тој не учи за својот работодавач, туку за себеси. И дека знаењето што ќе го стекне си е негово и ќе си го носи секаде, па дури и на новото работно место. 

Втор пример, кој е подрастичен е се’ поприсутното очекување, меѓу различни целни групи, дека за некој да се вклучи во одредена обука, треба да му биде дадена финансиска надокнада. Негувањето на оваа практика од страна на различни чинители, дава апсолутно погрешна порака и оди во прилог на потврда на апсурдната теза дека стекнувањето нови знаења и вештини не е доволно само по себе, туку е потребен дополнителен incentive, во случајов финансиски. 

Отворањето пристап до образование на возрасни е една од вишите цели во проектната поддршка на развојот на образованието на возрасните. Праксата за која зборувам укажува дека е време нешто да се смени. Притоа, не може да ги смениме возрасните потенцијални учесници во образование. Треба да го смениме нашиот пристап, изнаоѓајќи нови, функционални механизми. 

 

Login (1)