Blog
Blog

Медиумска писменост

Колку сме медиумски писмени?

ШТО Е МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ?

МП е алатка со која се екстрахираат точни, релевантни и корисни информации од медиумите. Или тоа е способност за пристап, разбирање, сфаќање и критичка оцена на медиумските содржини.

Зошто е важно да имаме медиумски писмени луѓе?

За да ги развијат своите вештини за критичко размислување.

За да можат самостојно да ја проверат и оценат информацијата и нејзиниот извор.

За да можат да ја зголемат својата медиумска култура.

За да можат лесно и значајно да се интегрираат во современите текови на живеењето.

КАКО ДА ИМАМЕ МЕДИУМСКИ ПИСМЕНИ ВОЗРАСНИ ЛУЃЕ?

Медиумската писменост треба да  е дел од вештините за живеење или тоа треба да е секојдневие на секој човек. Учениците треба од најрана возраст да се описменат како да пристапуваат до информациите. Ако во второ одделение тоа е некоја основна Power Point презентација, наставникот треба да им посочи конкретни страници од интернет, да ги споредат со содржините од печатените учебници и прирачници и самостојно да селектираат што е најважно за својата презентација макар тоа да е преку сликички, мелодија, видео. Во повисоките класови, наставниците треба да ги упатуваат на релевантни интернет страници, но притоа да посочат и печатена литература која ќе им користи или во нивните семинарски работи или во проширувања на знаењата, избегнувајќи jа стереотипноста на учебниците или материјалните грешки, а со тоа да ја напуштат виртуелно училницата и да си дозволат самостојно учење кое ќе биде само насочено и на крај проверено од наставникот.

За најголем дел од содржините кои им се поставени, независно по кој предмет и во кoе подрачје, учениците  треба медиумски да се писмени. Кога велам медиумска писменост се мисли на целокупниот пристап кон образовниот процес. Поточно, на напуштање на традиционалните модели на настава и учење и користење на нови, современи модели адекватни на времето и интересите на учениците. Учениците да ја напуштат традиционалната училница, наставникот да не е центар на знаењето, ниту учебникот да е основна алатка за доаѓање до знаења. А, тоа од друга страна значи: излегување од училницата физички и виртуелно, наставникот е фасилитатор - го олеснува процесот на учење и насочува, ученикот доаѓа до различни извори на знаења - печатени и електонски и самостојно ја развива својата критичка мисла.

КАКО ВОЗРАСЕН ЧОВЕК ДА ПРИСТАПИ КОН ЕДУКАЦИЈАТА ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ?

 Мотивирано и ентузијастички, да не се креваат барикати и да не се негува страв од непознатото. Технологијата оди напред, па и човекот со неа.

Во редовното образование наставниците се соочуваат со недостиг на нагледни средства со кои би ја реализирале медиумската писменост, а за дел од содржините и на самите им е потребна помош, немање обуки, немање доволно пракса, можност и потреба од професионално усовршување. Но, тоа не ги обесхрабрува самостојно да истражуваат, да се нудат и соработуваат со невладини организации и следат позитивни прктики.

ПРЕКУ КОИ МОДЕЛИ ДА СЕ ВОВЕДЕ МП ?

МП длабоко е навлезена во секојдневието. Прашањето не е кога да се почне со неа, туку како да се канализира во процесот на формалното образование, основното и средното, но и неформалното. Дали е потребен посебен предмет МП, како предметот Вештини на живеење, посебно затоа што учениците многу рано се изложни на медиуми, а најголем дел од нив преку обликот на забава ја протнуваат информацијата и ја креираат нивната реалност, а младите како инстант корисници не се ни свесни за тоа?

 Со МП треба да се започне од основното образование, дали на линија на нов предмет или во рамките на постоечкиот систем, сепак треба да функционира различно од сегашниот. Учениците да бидат охрабрени да се изразуваат и да учат без да бидат врзани на систем на рангирање-,,казнети“ за незнаење. Часовите да се забавни и креативно осмислени, да побудуваат вистински интерес и да развиваат дискусија. Часови каде  активно и ангажирано би се вклучувале, активности за пронаоѓање и идентификација на лажни вести во онлајн медиуми, извлекување на релевантни информации од текстови (печатени и електронски), разбивање на популарни и далеку раширени ,,факти“.  Или со еден збор развивање на вештините за критичко размислување кои ќе следат и подоцна во животот.

Со сегашната поставеност на образовниот систем, особено во основното образование, учениците не се подготвуваат за активен однос кон општествениот живот, ниту за критички однос кон реалноста. За жал, тоа значи дека нема да бидат ни подготвени  како возрасни за побарувањата и понудата на пазарот на трудот или барем соодветно и брзо да одговорат.

Значи во реалноста  имаме ученици со активен однос кон медиумите, секојдневен пристап до информации, но никој не ги следи ниту насочува, помалку се бара критички и креативно да се поврзе нивното знаење во рамките на образовниот процес и општественото живеење, припадноста кон колективот. Тие потоа стануваат возрасни луѓе, но веќе со изградени погледи кои тешко се менуваат и уште потешко можат да ги следат промените и да ги користат во сопствен интерес.

Денешницата бара многу повеќе од само читање и пишување. Таа бара и критичко размислување за тоа што е прочитано и исклучителна одговорност за тоа што е напишано. Медиумската писменост е точен чекор кон развивање на младите генерации и нивното претворање во интелектуални, совесни и добро информирани граѓани.

 

Login (0)

Want to write a blog post ?

Don't hesitate to do so! Click the link below and start posting a new article!