Blog
Blog

Доживотното учење - клуч за флексибилност во нови состојби

Флексибилност

 

Повеќе пати досега се пишуваше за пандемијата со Ковид која го погоди светот. За сите тоа беше новина, ситуација која се појавува еднаш низ векови, непознат терен. Почетокот на пандемијата за многумина значеше крај на дотогашната работна рутина. Со бројните рестрикции поставени врз секојдневниот живот, многумина не можеа да продолжат да работат со сопствените вештини. Затоа, се јави потреба тие да стекнат разновидност во нивните способности и видици. Со тоа се утврди и важноста на доживотното учење, тоа стана начин да се зацврстат клучните особини на еден добар работник: флексибилност, ефикасност и сигурност во себеси.

Со стекнување на нови вештини преку доживотно учење, работникот стекнува флексибилност на самото работно место. Новите вештини му дозволуваат да се адаптира на новите потреби покренати од животот во пандемија и успешно да одговори на новите начини на работење. Имено, ракувањето на нови технологии и снаоѓањето во нови работни средини се двете клучни области во кои доживотното учење најмногу помага. Со преобразувањето на бројни работни места во целосно виртуелен формат, се појави потреба работниците да знаат како да ракуваат со видеоконференциски технологии и да комуницираат на дотогаш неупотребувани начини.

Но, голем број работници завршија без работа поради условите создадени за време на пандемијата. За нив, доживотното учење претставува начин да стекнат нови вештини и знаењата барани на новиот работен пазар. Овој пазар е нешто непредвидено, што создаде барања кои никој не ги очекувал пред неколку децении. За многуте работници кои се образувале со различна замисла за работниот пазар што ги очекувал, доживотното учење стана начин да се пренасочат кон професии кои одеднаш станаа актуелни и релевантни. Следствено, доживотното учење им овозможи флексибилност не на старото работно место, туку на новиот работен пазар.

Со целиот стрес што општеството го поднесе за време на пандемијата, голем број работни места се соочија со нови предизвици. Работниците кои се вклучуваат во процеси на доживотно учење имаат можност да се стекнат со вештини и знаења кои им помагаат да се справат со овие предизвици на иновативни начини. Со тоа, нивната работа станува поефикасна и тие стануваат попродуктивни.

За крај, со сета неизвесност создадена за време на пандемијата, многумина беа поставени во ситуации што им создадоа голема несигурност во вештините што ги поседувале дотогаш. Посебно за поискусните работници што долги години работеле на истото работно место, во истите рутини, новите предизвици беа причина за сомнеж во сопствената способност. Благодарение на доживотното учење, овие работници имаа можност вештините да ги унапредат и преобразат во тоа што одеднаш им се барало.

Доживотно учење, покрај тоа што го надградува човекот на индивидуално ниво и го прави да е поисполнет, е истовремено алатка на современото доба. Тоа дозволува општеството да се справува со кризите што ненадејно го снајдуваат. На поединци, тоа им дава можност да го задржат работното место, да работат на поефикасен и попродуктивен начин и – во случај способностите да не им одговараат на новите барања – да стекнат вештини кои ќе им помогнат во барање на ново работно место. На колективен план, доживотното учење претставува процес кој на општеството му дава одредена сигурност дека неговите членови ќе можат да се справат со неочекувани кризи. Гледајќи дека голем број антрополози и природонаучници предупредуваат дека светот ќе гледа сè повеќе глобални кризи, општеството мора да изнаоѓа начини да се заштити и подготви за евентуалните шоковите што би го очекувале. Доживотното учење е сигурен начин сите слоеви полесно да се адаптираат и да бидат пофлексибилни во новите состојби.

Login (0)

Want to write a blog post ?

Don't hesitate to do so! Click the link below and start posting a new article!