Skip to main content
Blog
Blog

Центарот за мајки "Здраво бебе" - пионер во здравствената едукација на трудници и мајки

Денес разговараме со Драгана Емел Маркоска и Јасна Апостолски – Николов од Скопје, Северна Македонија. Драгана е специјалист педијатар, додека пак Јасна е дипломирана  медицинска сестра, меѓународно сертифициран консултант за доење IBCLC и сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници. Ќе се запрашате каква е нивната врска со образованието на возрасните? За да дознаете, прочитајте го интервјуто:

 

- Освен што сте тим во професионалното секојдневие во ПЗУ Старс Медика, вас ве врзува и тесната соработка во создавањето на една успешна приказна, наречена „Здраво бебе“ - Центар за мајки. Кажете ни’ нешто повеќе за тоа.

Како резултат на долгогодишното работно искуство во примарната здравствена заштита и континуираното надградување на нашето знаење, се роди идејата да ја прошириме нашата дејност во едукација, се’ со цел нашето искуство и знаење да го пренесеме на што поголем број трудници, мајки и родителски парови. Така, целата наша работа, покрај примарната работна обврска во ПЗУ Старс Медика, ја преточивме во еден вид советувалиште - Центар за мајки „Здраво бебе“, кое  нуди комплетна подготовка за породување,доење и мајчинство.

Едукацијата ја започнуваме уште во пренаталниот период  со програми за неформално образование, насочени кон подготовка на мајките за породување и доење, поддршка на родителите во негата на новороденчето и следењето на растот и развојот на нивното бебе.

Се трудиме, преку нашата веб страница и  социјалните мрежи да овозможиме нашите предавања и останати едукативни содржини да ги следат и оние мајки односно родители, кои не се во можност да бидат физички присутни на нашите семинари, работилници или да го посетат нашето советувалиште.

 

- И во работата во ординацијата, а и во реализацијата на обуки, комуницирате со трудници и родители, но на различен начин. Верувам дека во двата случаи суштината на вашата мисија е иста – да објасните, едуцирате, да укажете, да подигнете свест, но формата на интеракција е сосема различна. Која е, од вашето искуство, разликата во пристапот во ординација и во семинарската сала?

Има суштинска разлика. Во ординацијата, советувањата се индивидуални и насочени на проблемот со кој во моментот се соочуваат. На едукативните работилници,  трансферот на знаење и размената на информации од различни сфери е многу поголем. Преку таа групна интеракција, учесничките учат и едни од други, стекнувајќи се со знаења за нешта кои воопшто не им биле во фокусот на внимание, а се важни и корисни да ги знаат.

 

- Ме интересира, како се снаоѓате во улогата на предавачи и едукатори? Какви се вашите досегашни искуства во изготвувањето и реализацијата на програми за обуки?

Искуството во постојаниот контакт со пациенти и интеракцијата со учесничките на обуките, не’ научи на адаптабилност и флексибилност во реализација на едукатвните содржини, врз основа на потребите на нашата целна група. Бидејќи работата што ја работиме ја работиме од срце и со огромна желба, лесно се подготвуваме. Единствена и постојана потешкотија ни’ е техничкиот дел но, за тоа имаме поддршка од колегите во тимот.

 

- Во контекст на претходното прашање, дали во вашата улога на креатори на програми и предавачи на обуки сте наидувале на препреки и предизвици?

Предизвици имало и ќе има. Ние секогаш тежнееме кон тоа да пренесеме што е можно повеќе совети и знаење и да ја унапредуваме во континуитет наставата што ја нудиме, учејќи од секое ново искуство. Секогаш сме подготвени да се соочиме со сите препреки во образовната работа, водени од желбата да успееме и сме повеќе од сигурни дека за изминатиов период сето тоа вроди со плод и огромен успех. Горди сме на себе и на сите мајки кои биле дел од нашите предавања и обуки.

 

- Какви се вашите досегашни сознанија за значењето на обуките за вашата целна група? Какви повратни информации добивате од нив? Кои придобивки ги имаат тие?

Во изминативе години, часовите за психофизичка подговтовка за раѓање ги поминаа многу трудници. Евалуациите на крајот од едукативните програми покажуваат искучително позитивни коментари за знаењето што го стекнале и колку сето тоа им помага да пристапат кон раѓањето на бебето на посмирен начин. Речиси секоја од учесничките на обуките по породувањето станува дел и од нашата ординација како матичен пациент.  Преку таа комуникација ние самите согледуваме дека знаењето што го стекнале на обуките во голема мера им помага во мајчинството и грижата за новороденчето.

Она на што сме особено горди е нашето залагање за подигање на свеста за придобивките од доењето. Од нашите едукативни работилници за доење, секоја трудница или мајка што побарала консултација во врска со доењето, навистина дои. Речиси 90 одсто од новороденчињата кои се наши матични пациенти, а чии мајки биле на нашите обуки, пораснаа на мајчино млеко. Мајките односно родителите ги согледуваат  и стануваат свесни за придобивките и им препорачуваат на други трудници или мајка да се вклучат во нашите обуки.

 

- Во нашата земја има генерално голем недостаток од здравствена едукација на возрасната популација, заради подигање на свеста, превенирањето на болести итн. Во тој поглед, со вашата образовна работа сте едни од ретките. Како гледате вие на оваа проблематика?  На кој начин неформалното образование може да биде во функција на подобрување на индивидуалното и колективното здравје?

Со оглед на големиот интерес за нашите обуки можеме да кажеме дека има огромен недостаток. Бројот на оние кои бараат совет и консултација е се’ поголем. Во однос на нашата дејност и тематика исто така има голем недостаток. Тоа го согледавме преку интересот и за часовите за трудници и на консултациите за доење. А како сме сигурни дека нема доволна едуцираност? Кога некоја мајка ќе дојде кај нас, на пример на консултација за доење и кога ние во целост ќе и’ објасниме дека можела и поранo да не’ побара и дека можеби полесно ќе сме воспоставеле лактација и доење, одговорот на мајката е “не знаев дека постојат вакви програми за едукација”.

Истово важи и за превенција од болести. Доколку постои информираност, може порано да се побара лекарска помош и да се спречи појавата на болеста или пак таа да се открие во раната фаза. Едукацијата за јавното и колективното здравје е повеќе од потребна. Живееме во секојдневие во кое едвам стигнуваме да ги реализираме секојдневните обврски. Одиме на лекар во последен момент. Доколку се акцентира превенцијата преку едукација и се подигне свеста кај популацијата, сите подеднакво ќе допринесеме за подигање на јавното здравје.

Од нашите обуки и самите ние увидовме, а и резултатот од истите покажува, дека едукацијата е клучна.

 

 

 

 

 

Login (1)

Want to write a blog post ?

Don't hesitate to do so! Click the link below and start posting a new article!